Авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напуштил земјата, потврди Абдула Абдула, шефот на авганистанскиот национален совет за помирување, преку видео порака на Фејсбук, во услови кога талибанците влегоа во предградието на главниот град на Авганистан, единствениот голем град што остана во рацете на владата.
Милитантите ветија дека нема да го преземат главниот град со сила, бидејќи се зборува дека се во тек разговори со мирен трансфер на власта. Гани наводно отишол во соседен Таџикистан, изјавија неколку официјални лица за медиумите под услов да останат анонимни.
Според извештаите талибанските милитанти влегле во главниот град на Авганистан, Кабул. Официјални лица за новинаската агенција Ројтерс изјавиле дека милитантите доаѓаат „од сите страни“, но, нема извештаи за борби.
Портпаролот на Талибанците соопшти дека се во преговори со владата за мирно предавање на Кабул. Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Абдул Сатар Мирзаквал изјави дека армијата ја задржала контролата врз градот и дека власта ќе биде предадена на привремена трета страна.