Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека секој има право да избере дали ќе се вакцинира или не. Но, според него, државата мора да води грижа за колективното здравје.
„Ако јас одлучам да не ја примам вакцината и сепак влегувам во простор кој што е повеќе од 30 луѓе ги ризикувам сите останати 29 луѓе да бидат заразени од мене. Грижата на државата е во колективното здравје. Апелирам да се вакцинираме затоа што тоа е единствениот начин засега да ја победиме пандемијата и да се вратиме на нормалниот живот. Вакцините сите се здрави и се потврдени секаде низ светот. Америка веќе почна со давање на третата доза на тие со намален имунитет. Ги следиме меѓународните експертски поставености околу вакцинирањето и дефинитивно треба да се однесуваме како останатиот дел од светот“, изјави премиерот Заев, во однос на новите рестрикции кој ќе почнат да се применуват од утре, при увидот на активностите за реконструкцијата на патниот правец Кривогаштани-Житоше.
Тој додаде и дека државата има доволна количина на вакцини. Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Потврдата за вакцинација важи само за полнолетните граѓани.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека дополнително во угостителски објекти и на други локации опфатени со мерките, ќе може да влезат и лица со потврда за прележан ковид, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле.