Западните земји ги забрзуваат напорите да го пренесат својот персонал од амбасадата во Кабул на сигурно, додека талибанските борци влегоа во предградието на авганистанската престолнина откако ја презедоа контролата врз поголемиот дел од остатокот од земјата.
Американските официјални претставници беа цитирани денеска дека дипломатите биле пренесени со хеликоптери до аеродромот од амбасадата на САД во утврдениот округ Вазир Акбар Кан.Според извештаите, можеле да се видат хеликоптери како се движат кон и од американската мисија, заедно со оклопни возила.
„На службениците од американската амбасада им било наложено да уништат чувствителни материјали, како и предмети како логоа на амбасадата или агенцијата, американски знамиња или предмети што би можеле да бидат злоупотребени во пропагандни напори“, објави Си-Ен-Ен цитирајќи известување испратено до вработените во амбасадата.
Првите американски војници од контингентот од 3.000 пристигнаа во Кабул на 13 август за да помогнат во евакуацијата и да го обезбедат градскиот аеродром. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, рече дека повеќето од дополнителните војници ќе бидат распоредени до денеска.
Британија, Германија, Италија и други европски земји, исто така, ги забрзаа напорите за евакуација на дипломатите и другите вработени во амбасадите, а претставникот на руското Министерство за надворешни работи, Замир Кабулов, рече дека Москва нема такви планови.
Кабулов за руските новински агенции изјави дека е „во директен контакт“ со амбасадорот на Москва во Кабул и дека вработените во амбасадата продолжуваат да работат „мирно“.
Талибанците влегоа во предградието на главниот град на Авганистан, единствената голема област што остана во рацете на владата, и ветија дека нема да ја преземат со сила, бидејќи се зборува дека се водат разговори со високи претставници за мирен трансфер на власта.
Вршителот на должноста авганистански министер за внатрешни работи Абдул Сатар Мирзаквал изјави во видео порака дека ќе има „мирен“ трансфер на власта на преодната влада.
Авганистански официјален претставник за Асошиејтед Прес изјави дека талибанските преговарачи се упатуваат кон претседателската палата на разговори за трансфер на власта. Службеникот, кој сакал да остане анонимен, поради страв од одмазда, рече дека целта е мирно предавање на владата на талибанците.
Портпаролот на талибанците за сервисот на РСЕ во земјата-Радио Азади потврди дека во тек се преговори за мирно преземање на власта. Тој не понуди повеќе детали.