Агенцијата за цивилна заштита на Хаити соопшти дека бројот на жртви од земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што ја погоди карипската земја вчера се искачи на 304 лица, а најмалку 1.800 луѓе се повредени. Агенцијата наведува дека повеќето смртни случаи се случиле на југот на земјата, а спасувачките екипи и случајните минувачи успеале да извлечат многу луѓе на сигурно од урнатините на домовите, хотелите и црквите кои беа оштетени во најновата трагедија што ја погоди сиромашната земја. Премиерот Ариел Хенри прогласи едномесечна вонредна состојба за целата земја.
„Потребите се огромни. Ние мора да се грижиме за повредените, но исто така да обезбедиме храна, помош, привремено засолниште и психолошка поддршка “, рече тој.
Земјотресот се случил на околу 125 километри западно од Порт-о-Пренс, главниот град, околу 08:30 часот по локално време, на длабочина од 10 километри, соопшти Геолошкиот институт на САД, а последователните потреси најверојатно ќе продолжат со недели или месеци, а најголемиот досега регистрирал јачина од 5,2 степени.
Земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала пред 11 години урна голем дел од Порт-о-Пренс, при што загинаа околу 300.000 луѓе.
Според Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис биле информирани за земјотресот. Бајден овласти итен одговор и ја именува администраторката на УСАИД, Саманта Пауер како висок службеник која ќе ги координира напорите за помош. УСАИД ќе помогне да се процени штетата и ќе помогне во обновата, рече Бајден, кој ги нарече Соединетите држави „близок и траен пријател на народот на Хаити“.
Групите за хуманитарна помош соопштија дека земјотресот само ќе ги влоши страдањата на нацијата. Хаити не се опорави целосно од земјотресот во 2010 година, а земјата беше потоната во политички хаос минатиот месец откако претседателот Јовенел Моис беше убиен. Земјата исто така се бори против појава на Ковид-19 и се предвидува тропска бурата Грејс ќе стигне до Хаити утре.