Со оглед дека состојбата во Авганистан во континуитет се влошува, во рамките на Министерството за надворешни работи е е формирана е работна група за следење на состојбите, координирање на активностите поврзани со извлекувањето на нашите граѓани од Авганистан, како и континуирано информирање, соопштија од МНР.
„На состанокот беа разгледани последните информации кои пристигнуваат од Авганистан, при што беше констатирано дека сѐ уште има наши граѓани кои се останати, и кои се соочуваат со потешкотии да обезбедат место во комерцијалните летови за заминување од Кабул кои се сѐ уште активни“, се наведува во соопштението по итниот координативен состанок со надлежните раководни органи во рамките на министерството, кој го свикал министерот Бујар Османи.
На дипломатската мрежа, како што се наведува во соопштението, дадена е итна инструкција да стапат во контакт со Министерствата за надворешни работи во земјите на нивното покривање, со цел координација при евентуално организирање групни хуманитарни летови за извлекување на нашите граѓаните затекнати во Авганистан.
„Министерството веќе стапи во контакт со неколку компании кои обавуваат активности на територијата на Авганистан, при што се добиени информации за неколку десетици наши граѓани кои се наоѓаат во Авганистан, како и за плановите на компаниите за евакуација на граѓаните кои се ангажирани преку нив. Дополнително, воспоставена е комуникација со неколку пријателски земји кои имаат свое логистичко присуство во Кабул, со цел да се подготват и логистички можности за асистенција на нашите граѓани доколку се појави потреба за тоа“, се посочува во соопштението.
Од МНР порачуваат дека останува апелот да не се патува во Авганистан, а граѓаните кои се наоѓаат таму да ги искористат можностите за напуштање на земјата кои се сѐ уште активни, а воедно и да се пријават во Министерството за надворешни работи.