Филипче: За граѓаните до 45 дена по прележан ковид не важат новите мерки

Министерот Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека почнувајќи од понеделник граѓаните освен сертификат за вакцинација, или потврда за примена една доза вакцина, во угостителски објекти и на други локации опфатени со мерките, ќе може да влезат и со потврда за прележан ковид, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле.

„Тој период е за да поминат неопходните 30 дена по оздарвувањето, 15 тина дена да се организира вакцинацијата. Единствено решение е да се зголеми опфатот со вакцинација, верувам граѓаните ја разбраа пораката за мерките и сакам да им се заблагодарам. Ако граѓаните имаат дилема сакам да ги охрабрам да одат да се вакцинираат, тоа е начинот со којшто ќе постигнеме колективен имунитет, ќе имаме нормален живот, ќе може да функционираме, да живееме, да работиме, да бидеме продуктивни и да ги вратиме назад нашите животи. Доказ за тоа е дека популацијата на вакцинирани граѓани, заболува во исклучително мал процент“ изјави министерот Филипче.

По завршувањето на првите 45 дена, од прележувањето, според Филипче, и за овие граѓани ќе важи дека за влез во објекти треба да приложат серитификат за вакцинација, односно потврда за примена барем прва доза вакцина.

Филипче истакна и дека бројот на новодијагностицирани и хоспитализирани со Ковид-19 нагло расте и дека во следните недели ситуацијата може да биде критична. Сепак, тој уверува дека здравствениот систем е подготвен за новиот бран. Потенцира дека вакцинацијата е безбедна, ефикасна и ефективна, а како факт посочува дека само десет проценти од вкупно 3497 новодијагностицирани во последата седмица се вакцинирани со една или со двете дози вакцина против Ковид.

Од 16 август претходно беше најавено дека се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Потврдата за вакцинација важи само за полнолетните граѓани.