Американски војници во Кабул за евакуација на дипломатите

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби

Aмериканските војници почнаа да пристигнуваат во Кабул за да помогнат во евакуацијата на персоналот на американската амбасада и да го обезбедат аеродромот во услови на брза офанзива на талибанците и борби околу голем северен авганистански град.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби изјави дека повеќе од 3.000 дополнителни војници ќе бидат распоредени на местото до утре. Амбасадата на САД во Кабул, исто така, ги повика сите државјани на САД „итно“ да го напуштат Авганистан користејќи опции за комерцијални летови.

Талибанците соопштија дека извршиле напад врз Мазар-е Шариф од повеќе правци. Локалните власти тврдат дека судирот се случил во три области и дека биле извршени воздушни напади врз позиции на талибанците. Забихула Муџахид, портпарол на талибанците тврди дека градот е под талибански напад од четири страни.

Талибанската офанзива се забрза во последниве денови, со заземање на Херат на север и Кандахар на југ. Бунтовниците на 13 август ја презедоа контролата и врз главните градови на провинциите Забул и Урузган на југ, додека на запад заземен беше и главниот град на провинцијата Гор.

Офанзивата на талибанците забрза со оглед на тоа што меѓународните трупи предводени од САД имаат за цел да го завршат своето повлекување до 31 август. Крајниот рок беше поставен откако американскиот претседател Џо Бајден во април објави дека ја прекинува вмешаноста на САД во војната по речиси 20 години. Бајден, кој зборуваше со својот тим за национална безбедност за повлекувањето на 13 август, се соочува со критики, особено од републиканците во Конгресот, кои го нарекоа повлекувањето грешка и лошо планирано