ВМРО-ДПМНЕ: прославата за 20 години од Рамковниот договор се претвори во партиска забава

20 години Рамковен охридски договор

20 години Рамковен охридски договор

Прославата за 20 години од Охридскиот рамковен договор се претвори во партиска забава, а не државна прослава и за тоа ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на таквиот декор, наведуваат во соопштението од опозициската партија.

„Сега не е време, ниту место за партиски политички промоции во време на прогласена кризна состојба и во време на повторно влошување со КОВИД пандемијата во државата. Наместо парите да се потрошеа за политички забави, власта на СДСМ и ДУИ требаше да ги пренамени во многу по продуктивни и побитни работи за граѓаните и државата во моментов. Можеа парите да ги пренаменат за реконструкција на училишта, водоводни и канализациони мрежи во Полошкиот регион, а можеа и да купат неколку нови противпожарни возила со што би спречиле повторна катастрофа со шумските пожари“, пишува во партиското соопштение.

Преку повеќе настани државата ја одбележува дваесет годишнината на Охридскиот рамковен договор, а на денешниот настан присуствуваше речиси целиот државен врв, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, а преку видео бим се обрати и поранешниот висок претставник на ЕУ Хавиер Солана.

Преговорите за Рамковниот договор траеја околу два месеци. Негови потписници се тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

Во својство на гаранти договорот го потпишаа специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.