Институциите го заобиколуваат правилото за забрана за предизборни вработувања, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска на денешната прес-конференција посветена на локалните избори.
Таа вели дека законот забранува предизборни вработувања, но таа забрана се заобиколува со објавувањето на огласите пред избори, а вработувањата се вршат по завршувањето на изборите.
„Со самото објавување ги ставаат во заложничка позиција оние кои што очекуваат да бидат вработени и тоа може да си користат како класичен клиентелизам, односно како обезбедување на гласови и тие замислете веќе некои се пријавиле и ги имаат нивните информации, кои се тие, кои се нивните семејства и тука има повеќе простор за големи сомнежи и тоа не е во духот на доброто управување“, вели Ивановска.
Таа им укажа на институциите од централната и локалната власт дека ќе треба да го почитуваат Изборниот законик за ограничување и забраните за вработување, не може да се започне со изградба на патишта, водоводи, канализација, спортски игралишта, или градинки и училишта.
Таа потсети дека институциите не смеат да исплаќаат еднократни трансфери од буџет кои не спаѓаат во редовни исплати.
Таа вели дека во секој изборен процес се забележливи заобиколувања на правилата и изборниот законик.