Талибанците го контролираат вториот по големина авганистански град Кандахар, соопштија денеска локалните власти. „По тешките судири доцна синоќа Талибанците ја презедоа контролата врз градот Кандахар“, изјави претставник на локалната влада за Ројтерс. Владините сили сѐ уште го контролирале аеродромот во Кандахар, кој беше втората најголема база на американската војска во Авганистан. Вчера талибанците го ставија под своја контрола и градот Херат, трет по големина во земјата и стратешки провинциски главен град во близина на Кабул, додека ја продолжуваат нивната офанзива неколку недели пред крајот на американската воена мисија во таа земја. Кандахар и Херат досега се најголемите успеси на Талибанците кои освоија 11 од 34 главни провинциски градови, како дел од еднонеделната офанзива. Со претходното заземање на градот Газни тие го прекинаа клучниот автопат што го поврзува главниот град на Авганистан со јужните провинции во земјата.
Талибанците го зазедоа аеродромот во Кундуз, Гани го смени шефот на Генералштабот
Самиот Кабул сѐ уште не е под закана, но последните успеси дополнително ги зајакнуваат Талибанците, за кои сега се проценува дека држат околу две третини од земјата. Илјадници луѓе ги напуштија своите домови со страв дека Талибанците повторно ќе наметнат брутална, репресивна влада, практично елиминирајќи ги правата на жените и спроведувајќи каменувања и егзекуции. Мировните преговори во Катар се во застој иако дипломатите се сретнаа во текот на вчерашниот ден.
Талибанците би можеле да го заземат Кабул за 90 дена
Според најновата американска разузнавачка проценка, Кабул би можел да биде под притисок на Талибанците во рок од 30 дена, и доколку продолжи овој тренд, Талибанците би можеле да ја преземат целосната контрола врз земјата за три месеци.