Руски истражувач уапсен за велепредавство

Шефот на институтот за истражување хиперсонични летови во Санкт Петерсбург, Александар Куранов

Руските власти го уапсија шефот на институтот за истражување хиперсонични летови во Санкт Петерсбург, Александар Куранов, за велепредавство. Обласниот суд Лефортово во Москва денеска треба да ги одреди условите за притвор.

Куранов е осомничен дека му дал класифицирани материјали за истражувањата за хиперсонична технологија на странски државјанин, објавуваат медиумите.

Научникот работел на концептот за ново хиперсонично вселенско летало наречено Ајакс.

Русија, чии врски со Западот драматично се влошија во изминатите години, развива голем број оружја способни да летаат со многу поголема брзина од таа на звукот.

Голем број руски научници, војници и функционери во изминатите години беа обвинети за предавство поради предавање чувствителни материјали на странци.

Критичарите на Кремљ велат дека обвиненијата често се неосновани и не може да бидат потврдени затоа што се класифицирани.

Виктор Кудријавцев, истражувач во рускиот институт за дизајн на ракети и вселенски летала умре годинава чекајќи судење за предавство.

Друг научник, кој работеше со Кудријавцев, Роман Коваљов, лани беше осуден на седум години затвор за слични обвиненија.