Социјалните платформи ќе отстрануваат содржини кои го негираат геноцидот во Сребреница

Мурал со ликот на поранешниот командант на војската на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ во Белград

Твитер и Јутјуб потврдија за РСЕ дека ќе ги отстранат содржините со кои се негира геноцидот во Сребреница на нивните социјални платформи.

Потврдата е по барањето на Институтот за истражување на геноцид Канада упатено до технолошките гиганти Твитер и Јутјуб, барајќи од нив да го забранат негирањето на геноцидот во Сребреница на нивните платформи.

Твитер и Јутјуб соопштија дека му одговориле на институтот дека компаниите имаат јасно воспоставена политика која „ги санкционира сите говори на омраза“.

Гугл, сопственикот на видео платформата Јутјуб, наведе дека ќе ги отстрани сите содржини што ги прекршуваат ригорозните правила на компанијата за ширење говор на омраза.

Државници кои им оддадоа почит на жртвите на геноцидот во Сребреница

„Имаме јасни и воспоставени политики за говор на омраза кои забрануваат содржини што минимизираат или негираат добро документиран насилен настан, вклучително и геноцидот во Сребреница. Ако се утврди дека содржината ги прекршува овие политики, ние ќе ги отстраниме“, рече портпаролот на Јутјуб за РСЕ.

РСЕ доби слична порака и од Твитер.

На 11 јули 1995 година, повеќе од 8.000 босански муслимански мажи и момчиња беа убиени од силите на босанските Срби во близина на Сребреница, што претставува најлошото масовно убиство во Европа по Втората светска војна.

Масакрот се смета за геноцид со различни пресуди и на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и на Меѓународниот суд на правдата.

Директорот на Институтот за истражување на геноцид Канада, Емир Рамиќ за РСЕ изјави дека организацијата води евиденција за содржината на социјалните мрежи. Тие потврдија дека повеќето објави што ги навредуваат жртвите на геноцидот во Сребреница потекнуваат од Србија, но рекоа дека некои доаѓаат и од Русија, Франција и други земји.

И воениот командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, и поранешниот политички водач Радован Караџиќ беа осудени на доживотен затвор од судот за воени злосторства на ОН во Холандија за геноцид во Сребреница.

Српските власти одбиваат да признаат дека српските сили извршиле геноцид. За владата во Србија, ова е „страшно злосторство“, како што рече претседателот Александар Вучиќ на говорот во Советот за безбедност на Обединетите нации на 8 јуни.