Талибанците го зазедоа аеродромот во главниот град на северната провинција Кундуз. Во меѓувреме претседателот на Авганистан Ашраф Гани го сменил началникот на Генералштабот на армијата. Промените на врвот на Генералштабот се случуваат во време кога милитантите го освојуваат Авганистан.
Аеродромот во Кундуз падна во рацете на милитантите на 11 август, откако повеќето владини сили таму се предадоа, додека други се повлекоа во квартот Алиабад во Кундуз, велат извори за РСЕ, кои побарале да бидат анонимни.
Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид на Твитер објави дека групата ја презела контролата врз аеродромот и објави видео, на кое се гледа како владини војници наводно се приклучуваат на милитантите.
Локалниот пратеник, Амрудин Вали за АФП изјавил дека стотици авганистански војници и полицајци кои се повлекоа на аеродромот во Кундуз, откако талибанците викендов го освоија поголемиот дел од градот, им се предале на талибанците „со сета своја воена опрема“.
Талибанците се во офанзива низ Авганистан од 1 мај, кога САД и сојузници официјално започнаа да ги повлекуваат своите сили. Се очекува повлекувањето да заврши до крајот на овој месец.