Има шест активни пожари на територијата на Македонија, од кои три со поголем интензитет, соопшти Центарот за управување со кризи согласно состојбата со пожарите до 16 часот.
Активни се пожарите над селата Раовиќ – Буковиќ во општина Сарај близу Националниот парк „Јасен“, кај селата Дивље и Крушје во Општина Петровец, еден во Прилепско, два во Велешко и на градската депонија во Виница.
Како што информира ЦУК, пожарот над селата Раовиќ и Буковиќ во Општина Сарај е активен на неколку правци на непристапен терен и се гасне со хеликоптер. Во Националниот парк „Јасен“ нема интервенција од хеликоптери и може да навлезе во паркот. Според информациите на ЦУК од теренот, доцна попладнево на ова подрачје почнало да врне дожд.
Активен е пожарот кај селата Дивље и Крушје во општина Петровец и се шири кон ливади со сува трева.
Во Прилепско активен е пожарот кај село Топлица од село Ракле кон село Крстец, но е со слаб интензитет.
Активни се два пожари во Велешко и тоа кај Старо Градско и кај мотелот „Македонија“. И во двата пожари гори сува трева.
Пожар избувнал и на градската депонија во Виница, но опожареното место е под контрола.
Два пожари има и на територијата на општина Македонски Брод, но се локализирани. Едниот е во атарот на селото Слатина, а вториот кај село Девич.
Пожарот кој започна кај местото викано Бeјаз Тепе во Општина Пехчево и потоа се префрли во реонот на село Будинарци во општина Берово е локализиран.
Во 14:50 часот избувнал пожар на место викано Ладно Долче на еден километар на патот за село Страгово на висоромнината Витачево во Кавадарци, но пожарот е ставен под контрола.