Руските власти го обвинија опозиционерот Алексеј Навални за дополнително кривично дело, со што може да му се продолжи престојот во затвор, доколку биде осуден.
Истражниот комитет денеска соопшти дека го обвинува Навални дека создал организација која ги повредува правата и личната безбедност на граѓаните.
Новото кривично дело е казниво до три години казна затвор.
Истражниот комитет рече дека обвиненијата се поврзани со активностите на невладината на Навални - Фондација за борба против корупцијата, за која се наведува дека е формирана за „да ги убеди граѓаните да извршуваат незаконски активности“.
Руските власти во јуни ја означија Фондацијата како екстремистичка и ја забранија.
Осомничени во случајот се и блиските соработници на Навални, Леонид Волков и Иван Жданов, кои во моментов престојуваат во странство.
Навални беше уапсен во јануари по враќањето во Русија од Германија, каде се лечеше по труењето со нервен гас. Во февруари, московскиот суд одлучи дека додека бил во Германија, Навални ги прекршил условите за помилување од стар случај за проневера, за кој се смета дека е политички мотивиран. Тој во моментов издржува казна од 2 години во затвор во регионот Владимир.