Прослава за 20 години Рамковен ќе има, но не и концерт

Вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби соопшти дека е откажан концертот, дел од програмата за прослава на 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор, на кој беше предвидено на плоштадот „Македонија“да присуствуваат до 10 илјади луѓе. Концертот е откажан, со што Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците покажува доблести и ги уважува анти-ковид препораките, со тоа што ги откажува манифестациите каде има ризик за зараза, кажа вицепремиерот на денешната панел-дискусија посветена на годишнината до Договорот.

Но централна прослава за годишнината во хотелот Александар Палас ќе има. На манифестацијата е предвидено да присуствуваат до 200 луѓе во сала во која собира 1500 луѓе. Присутните ќе седат на дистанца согласно ковид протоколите и ќе им се мери температура пред влезот во салата.

„Затоа не ја разбирам оваа масовна хистерија по социјалните мрежи. Се надевам дека не се однесува на Охридскиот договор и на неговата имплементација, туку дека навистина е загриженост околу протоколите“, вели вицепремиерот.
За настаните за одбележување на две децении Рамковен предвидено е да се потрошат половина милион евра.