Метеж и долги редици пред вакциналниот пункт во Тетово

Луѓе во Тетово чекаат за да се вакцинират против Ковид-19

Во Тетово се зголеми интересот за вакцинација против ковид-19, но тоа резултира со голем метеж при влезот во спортската сала каде се врши масовната имунизација.

Луѓето се расправаат меѓу себе за чекањето ред, но од друга страна лекарите од Здравствен дом укажуваат дека граѓаните не ги почитуваат насоките дадени од војниците и полицајците и затоа се создаваат проблеми и редови, јавува дописникот на МИА од Тетово. Тие кои имаат термин за втора доза не можат да дојдат до влезната врата од тие кои дошле прв пат да примат вакцина.

„Подобро функционираше со „Мој термин“ не се создаваа гужви, немаше расправии меѓу луѓето и се знаеше терминот е тој и така се одеше цело време. На крајот бројката вакцинирани е приближно иста како и сега. Како што разбрав од полицијата луѓе доаѓаат од пет часот утрото и чекаат, па се прави гужва. Да се размисли да се врати со закажување преку vakcinacija.mk и да се закажуваат термин, има надлежни кои тоа ќе го одлучат“, рече доктор Александар Костевски од Здравствен дом.

Според бројките од Здравствен дом во спортската сала од медицинското училиште секој ден се вакцинираат околу 2000 луѓе.

„Заинтересираноста е многу голема последните денови, дневно со прва вакцина има околу 1100 до 1300 граѓани и 600 до 1000 за ревакцинација. Теренска ревакцина оди без проблем, сега има ревакцинација. За да се намали гужва подготвуваме уште еден пункт и правиме напори да се растерите овој регионален пункт во спортската сала. Во Здравствениот дом пак ќе се стави пунктот во функција, треба одлука заедно со Министерство за здравство“, рече директорот на Здравствен дом Борислав Јоргаќиески.

За прва и втора доза има вакцини на „Фајзер“ и „Астра Зенека“, додека „Синовак“ ја има само за втора доза.