Новата учебна година ќе почне во редовниот термин на 1 септември, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН) од каде се наведува дека подготовките за стартот се интензивни, во услови на ковид пандемијата.
Од МОН велат дека ќе се обезбеди непречано одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје.
„Од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60 проценти“, велат од МОН.
Оттаму апелираат наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира со цел да го заштитат сопственото и здравјето на најблиските.
Постојат три сценарија за почетокот на учебната 2021/2022 година кои минатиот месец беа усвоени на владина седница.
Првото е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио, како во минатата година, дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн настава, велат од МОН.
„Третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање“, велат од МОН од каде посочуваат во зависност од епидемиолошката состојба ќе биде одлучено кое од трите сценарија ќе се применува.