Пожарот во делот од Топлица, кон селото Крстец прилепско, е активен и е на тешко пристапен терен, додека пожарот селото Раовиќ се префрлил на територијата на Ловиштето Јасен, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Институцијата за денешната состојба со пожарите информира дека е намален интензитетот на горење кај пожарот во Катланово и дека целосно е локализиран пожарот кај местото викано Бајаз Тепе.
На терен се екипите од Словенија и Австрија, припадници на Армијата, екипа од Бугарија со пет противпожарни возила и 37 пожарникари и други служби кои се вклучени во гасењето.
Од ЦУК велат дека пожарот во атарот на селото Будинарци е ставен под контрола и локализиран, а екипите работат на негово расчистување.
„Пожарот на Раовиќ – Буковиќ, каде на неутврдена површина гори мешана шума, во текот на вчерашниот ден е дејствувано воздушно – авионски во три-четири наврати. Исто така од земја е интервенирано со 20 војници на Армијата и 20 припадници на ДЗС“, велат од ЦУК.
Исто така, велат од ЦУК, пожарот во атарот на селата Топлица, Ракле и Никодин е се уште активен, а во делот од Топлица кон село Крстец е во тешко пристапен терен.