Американскиот Сенат со 69 гласови „за“ и 30 „против“ го усвои законот за обнова на инфраструктурата вреден 1.200 милијарди долари.
Околу 550 милијарди долари ќе бидат издвоени за реконструкција на патишта, системи за водоснабдување и за интернет мрежи.
Демократите во Сенатот имаат тесно мнозинство од 50 места, а овој предлог исто така го поддржаа републиканци по неколкунеделни преговори.
Анкетите покажуваат дека иницијативата за унапредување на американската инфраструктура, предлог -законот на кој со месеци работеше двопартиска група сенатори, е многу популарна меѓу американските граѓани.
„Оваа историска инвестиција во инфраструктурата е она што верувам дека вие, граѓаните на Америка, го сакате и нешто што го баравте долго време. Овој предлог-закон покажува дека можеме да работиме заедно “, изјави претседателот на САД Џо Бајден во Белата куќа по усвојувањето на законот.
Мерката предвидува распределба на речиси 550 милијарди долари во следните пет години, со веќе постоечките федерални дозволи за јавни работи што ќе се изведуваат буквално во секој дел од Соединетите држави.
Бајден ја спореди оваа потенцијално историска иницијатива со поранешната изградба на трансконтинентална железница и автопатите кои ги поврзуваа американските држави, пренесува Гласот на Америка.
Парите се издвоени за изградба на патишта и мостови, зајакнување на американските брегови и заштита од климатски промени, заштита на јавните комунални претпријатија и системи од сајбер напади и модернизација на електричната мрежа.
Средствата ќе бидат инвестирани и во јавен превоз, аеродроми и железници, а повеќето од водоводните цевки што содржат олово ќе бидат заменети.
Демократите кои се спротивставија на законот велат дека тој не ги покрива сите инфраструктурни потреби, додека републиканците кои се противат на него велат дека се издвоени премногу пари.
Предлог -законот оди во Претставничкиот дом, каде се очекува дебата во септември.