Летонија и Литванија во обид да ги спречат мигрантите да пристигнуваат преку Белорусија

Мигранти зад ограда во новоизградениот бегалски камп во воениот полигон Руднинкај, на 38 километри јужно од Вилнус, 4 август 2021 година

Летонија прогласи вонредна состојба долж границата во новите мерки за да ги одврати мигрантите кои, според властите, Белорусија ги охрабрува илегално да ја преминуваат границата со цел да изврши притисок врз европските држави. Вонредната состојба важи од денеска до 10 ноември и бара одобрување од парламентот, што се очекува утре. Граничната стража, вооружените сили и полицијата ќе бидат овластени да им даваат инструкции на илегалните имигранти да се вратат во земјата од каде што потекнуваат и да користат физичка сила доколку го одбијат тоа. Околу 283 лица се приведени за илегален премин во Летонија од Белорусија од 6 август,.

Литванија ќе „употребува сила“ против илегалните мигранти

Во соседна Литванија, парламентот гласаше за изградба на четири метри висока метална ограда, прекриена со жилет на жица на 508 километри од 670 километри долгата граница што ја дели со Белорусија. „Без оваа физичка бариера, невозможно е да ги заштитиме нашите граници, тоа е многу јасно“, рече министерот за внатрешни работи Агне Билотаит за Ројтерс. Литванскиот парламент, исто така, изгласа дозвола на војската да патролира на границата заедно со граничарите и да ги врати луѓето за кои се смета дека илегално преминале.