Полската владејачка националистичка коалиција се распадна, откако премиерот Матеуш Моравиецки го разреши лидерот на помладиот коалициски партнер поради несогласувања во даночната политика и законот за медиуми. Ова дојде пред денешната седница на парламентот на која треба да се расправа и гласа за медиумскиот предлог-закон што ќе им забрани на неевропските сопственици да имаат контролен удел во полските медиумски компании. Критичарите велат дека законот е наменет за приватниот радиодифузер ТВН, сопственост на американската компанија Дискавери, која честопати е критична кон владата. Законот предизвика загриженост за медиумскиот плурализам и против него се САД, клучниот полски сојузник.
ЕУ: Демократските стандарди се особено загрозени во Унгарија и Полска
Јарослав Говин, кој беше министер за развој и заменик -премиер, беше разрешен бидејќи неговата партија „Договор“ не ги поддржува даночните реформи и законот за медиуми, како што побара владејачката партија Право и правда. „Моето разрешување е фактички прекин на владината коалиција“, рече Говин пред новинарите. Владата може да не пропадне веднаш бидејќи би требало да има формално изгласување недоверба од парламентот. Илјадници луѓе ширум Полска вчера протестираа во одбрана на медиумските слободи, носејќи плакати со пароли како „Слободни медиуми, слободни луѓе, слободна Полска“.
Прашањата како независноста на судството и ЛГБТ правата веќе ги доведоа Полска и Унгарија во конфликт со Брисел.