Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) денеска соопшти дека доколку при реализација на одлуката на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19, се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација против ковид, по принципот „приложил или не приложил потврда, таквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци и не би претставувала злоупотреба на личните податоци.
Владата денесе одлука од 16 август да воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Потврдата за вакцинација важи само за полнолетните граѓани.
Од институцијата наведуваат дека Законот за заштита на личните податоци се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Во соопштението се наведува дека под обработка на лични податоци согласно Законот се смета секоја операција или збир на операции кои се извршуваат врз личните податоци, или група на лични податоци, автоматски или на друг начин.
На пример, собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување.
„Ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат лични податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци“, велат од Агенцијата.