Кандидатот за премиер на Бугарија Пламен Николов предложен од политичката партија „Има таков народ“ ја повлече својата согласност да биде мандатар.
Во писмо испратено до претседателката на бугарското Собрание Ива Митева, тој наведува дека ја повлекува својата согласност да биде избран за 56-ти премиер на Бугарија.
Бугарските медиуми известуваат дека таков документ ќе биде доставен и до претседателот на државата.
Николов наведува дека ваквата одлука ја донел поради лични причини и предлага утре да не се гласа за предлогот за Влада во Парламентот.
Денеска претходно и лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов изјави дека партиајта одлучила да не предложи Влада, откако две од партиите на „протестот“ соопштија дека нема да ја поддржат.
Од Кабинетот на претседателот на Бугарија соопштија дека „со указот издаден од шефот на државата, уставната постапка за избор на премиер е веќе во решавачка парламентарна фаза“.
На изборите на 11 јули, Има таков народ освои 65 пратеници во 240-члениот бугарски парламент.
Трифонов рече дека неговата партија нема да поддржи некоја друга партија што ќе се обиде да формира влада.
Партијата ГЕРБ на доскорешниот премиер Бојко Борисов, која освои 63 пратеници, претходно соопшти дека нема да се обиде да формира влада.
Останатите партии во парламентот немаат доволно пратеници за да формираат влада.
Претседателот Румен Радев ги распиша јулските избори во април, откако ниедна партија не можеше да формира влада.