Бугарија се движи кон нови избори, откако антиестаблишмент партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, која тесно победи на минатомесечните избори, се откажа од напорите за формирање влада.
Во денешното телевизиско обраќање, Трифонов рече дека партијата одлучила да не предложи влада, откако две од партиите на „протестот“ соопштија дека нема да ја поддржат.
На изборите на 11 јули, Има таков народ освои 65 пратеници во 240-члениот бугарски парламент.
Трифонов рече дека неговата партија нема да поддржи некоја друга партија што ќе се обиде да формира влада.
Партијата ГЕРБ на доскорешниот премиер Бојко Борисов, која освои 63 пратеници, претходно соопшти дека нема да се обиде да формира влада.
Останатите партии во парламентот немаат доволно пратеници за да формираат влада.
Претседателот Румен Радев ги распиша јулските избори во април, откако ниедна партија не можеше да формира влада.