САД: Авганистанците треба да си ја бранат државата

Илустрација - Талибански борци во градот Кундуз, август 2021

Соединетите држави соопштија дека авганистанските безбедносни сили треба да ја бранат земјата, откако талибанските милитанти го зазедоа шестиот главен град на провинцијата на 9 август, заедно со граничните градови и трговските патишта.

Претседателот Џо Бајден изјави дека американската воена мисија во Авганистан ќе заврши на 31 август, тврдејќи дека авганистанскиот народ мора да одлучи за својата иднина и нема да испрати втора генерација Американци во 20-годишна војна.

Видете и ова: Кои се Талибанците и како функционираат?

Американскиот пратеник во Авганистан Залмај Калилзад отпатува за Катар каде што ќе се обиде да „изврши притисок врз Талибанците да ја прекинат воената офанзива и да преговараат за политичко решение“, објави Стејт департментот на 9 август.

Талибанците, кои се борат за повторно воспоставување на строгиот исламски закон, откако беа соборени во 2001 година, ја зголемија кампањата за пораз на владата по повлекувањето на странските сили и сериозно напредуваат во освојувањето на стратешки позиции во последните десетина дена.