Седуммина обвинети од „Планина“ се спогодија со обвинителството

Седиштето на Јаавното обвинителство. Илустрација.

Јавното обвинителство соопшти денеска дека по спогодбите со седуммината припадници на таканаречената група од Гази Баба осомничени во предметот „Планина“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог- спогодби со уште седум лица од групата во Грчец.

„Откако беа запознаени со доказите што обвинителството ги прибави во текот на спроведувањето на предистражната и истражната постапка, го признаа извршувањето на кривичното дело за кое се товарат. Судијата на претходна постапка при Основиот кривичен суд-Скопје ги прифати Предлог- спогодбите и лицата ги огласи за виновни за сторено кривично дело- Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, наведуваат од обвинителството.


Тие добија казна затвор од вкупно 24 години. Највисоката казна е 5 години затвор, а најниската 3. Тие се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.