ЦУК: Активни осум пожари

Пожар во Нов Истевник.

Помошникот раководител на Центарот за управување со кризи, Марија Милкова на попладневната прес-конференција изјави дека авионот на Романското воено воздухопловство во два налети дејствувал на пожарот во прилепско кај селата Топлица, Ракле и Никодин, што е делумно локализиран, но, на одредени места се уште има чадење. Според неа, до 16:00 часот се уште активни се осум пожари, а останатите се делумно локализирани.

Таа информира дека пожарот во Делчевскиот регион во село Разловци и село Нов Истевник е ставен под контрола. Активни се пожарите, како што кажа, во Пехчево во село Будинарци, во Општина Сарај во селата Раовиќ и Буковиќ, потоа пожарот во Општина Петровец со селото Дивје на месноста викана Крушје, како и пожарот во Општина Чашка, кај село Владиовци.

Таа нагласи дека пожарот, кој во попладневните часови избуван во селото Герман во Општина Ранковце, е ставен делумно под контрола. Во врска со шпекулациите дека таму има жена со деца, рече дека навреме се спасени и не се загрозени. Пожарот во штипските села Драгоево и Селце, посочи дека е ставен под контрола иако на одредени места има појава на чадење.

Попладнево, истакна, се појавија пожари во велешкото село Којница, Крајница и Извор каде гори нискостеблеста мешана шума. Попладнево, избил пожар и во кочанско Костин Дол, но, како што рече Милкова, се држи под контрола и нема опасност да се прошири.

Информира дека е направена смена на меѓународната противпожарна помош од Бугарија, чии екипи беа на терен во Пехчевско. Тие се заменети со нови и веќе се пристигнати три противпожарни возила со неколку пожарникари во земјава кои, како што кажа, во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат распоредени таму каде што е потребно.