Максути: Механизмот на ЕУ за цивилна заштита е активен од почетокот на пожарите

Пожари во Македонија. Илустрација.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути изјави денеска дека механизмот на ЕУ за цивилна заштита е активен уште од самиот почеток на пожарите.

„Со помошта од Австрија, Словенија и Бугарија и воздухопловот од Романија досега држиме се под контрола“, изјави Максути кој заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир денеска го посетија кампот на австриските пожарникари во пехчевско.

Според него, пожарот кај селото Мачево, како што информираше, е речиси изгаснат, а останува пожарот кај Будимирци.

„Првичната задача ни беше да спасиме што е можно повеќе материјални добра, но и луѓе од селата кои беа загрозени, но со една инклузивност, односно вклученост на сите актери во овие настани, досега бевме на ниво на задачата и ќе продолжиме понатаму“, изјави Максути.

Евроамбасадорот Гир се заблагодари за посветеноста на европските држави за справувањето со пожарите.

„Длабоко сум импресиониран од посветеноста на различните тимови од Австрија, Словенија и Бугарија, но и од посветеноста на локалната заедница кои мошне јасно не информира за ситуацијата. Овде сме и да се заблагодариме за контрибуцијата меѓу европските земји“, изјави Гир.