Макрон го повика Иран да ги продолжи нуклеарните преговори

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон го повика Иран да ги продолжи преговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година. Но, новиот претседател на Иран, Ебрахим Раиси, рече дека најпрвин мора „правата“ на Иран да се гарантираат.

„Макрон го повика Иран брзо да ги продолжи преговорите во Виена за да се дојде до заклучок и да се стави крај, без одлагање, на сите нуклеарни активности што го прекршуваат договорот“, соопшти денеска француското претседателство откако францускиот претседател телефонски разговараше со Раиси, кој ја презеде функцијата минатата недела.

Според иранското претседателство, Раиси во едночасовниот телефонски повик порачал дека „во какви било преговори, правата на иранскиот народ мора да се почитуваат и да се обезбедат интересите на нашата нација“.

Нуклеарниот договор беше потпишан од Хасан Рохани, релативно умерениот ирански претседател, кој не можеше да побара реизбор на функцијата по два мандата.

Договорот во кој се вклучени и Соединетите држави, Франција, Велика Британија, Германија, Русија и Кина ги олесни санкциите против Техеран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма. Но, американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 година и повторно воведе финансиски санкции.

Тогаш Трамп рече дека Иран не се придржува до духот на договорот, обвинувајќи го за обид за производство на нуклеарно оружје и за поддршка на екстремистичката активност во регионот. Иран ги отфрла обвиненијата.

Преговарачите се состануваа од април во Виена за да побараат начин да ги вратат двете страни во целосна согласност, а последниот круг се одржа на 20 јуни.