Ангелов: сите села во чија близина има пожари се обезбедени

Директорот на Центарот за управување со кризи(ЦУК), Стојанче Ангелов на увид на место каде има пожар.

Сите села во чија близина беснеат пожари се обезбедени со сите оние методи кои ги користи која било противпожарна служба во светот, информира на денешната прес-конференција в.д. директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. Тој посочи дека се изорани местата и направена е тампон зона преку која пожарот не може да премине. На линијата се поставени цистерни доколку пожарот премине од другата страна на тампон зоната да можат да дејствуваат и да не биде загрозено селото.

„Опасноста е намалена и сега сме концентрирани кон шумите“ вели Ангелов.

Тој ги отфрла тврдењата дека каде било локалното население го изгаснало кој било пожар. Не се точни ниту информациите кои синоќа се појавија на социјалните мрежи дека пожарот над Будинарци е веднаш до селото.

„Пожарот над Будинарци има променливо темпо. На терен имаме сили кои постојано се подготвени да реагираат доколку пожарот тргне кон селото“, рече Ангелов.

Помошник раководителката на секторот за операции и координација Марија Милкова на прес-конференцијата информираше за состојбата со пожарите во моментов. Денеска, информира таа, си замина Територијалната противпожарна единица и другата противпожарна опрема која беше дадена на помош од Република Бугарија. Во моментот, информира, се јавил пожар во Росоман, кавадаречко, во близина на мотелот Дреново. Пожарот во делчевско Нов Истевник, како што претходно соопшти ЦУК, е ставен во контрола, но тоа, како што посочи Милкова, не значи дека е целоно изгаснат, се уште на одредени места има чурење. Друг пожар активен во моментов е во скопски Сарај, на потегот село Раовиќ – село Буковиќ – село Ласкарци. Пожарот во Петровец село Дивље, место викано Крушје е стигнат до селото, некаде позади црквата гори мешана шума, информираа од ЦУК. Активен пожар има и во Старо Нагоричане, село Дренак кој избувна синоќа во 20 часот, на потегот на село Дренак – село Жељубино – село Аљинце.

„Пожарот во Прилеп, село Топлица, неколку дена таму гори, на три локации, во текот на денешниот ден таму околу 10 и 30 часот веќе дејствува авионот на Романското воено воздухопловство СПАРТА, очекуваме да се вратат и да ги дадат резултатите што ќе ги постигнат со гаснењето на овој пожар“, информира таа.