Обвинителството бара 5000 евра казна за ресторан кој лани организирал свадба во време на пандемија

Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Против едно физичко и едно правно лице Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 од кривичниот законик, соопштија од ОЈО Скопје.

„Обвинетото правно лице – ресторан и неговиот управител на 18.08.2020 година не постапиле согласно прописите со кои беа определени мерки за превенција и заштита на населението од заразни болести. Имено, при контрола од Државниот пазарен инспекторат во ресторанот било утврдено дека спротивно на протоколот за работа на угостителските објекти, во две целосно затворени сали на ресторанот се организирале прослави и се послужувале гости. Во едната сала била организирана свадба со околу 150 лица, а во другата – прослава со околу 20 лица, соопштија од скопското обвинителство.

Со ова правното лице го сторило кривичното дело од став 2, а физичкото лице од став 1 на наведениот член од Кривичниот законик. Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за издавање казнен налог со кој предложи на обвинетиот управител да му биде определена парична казна од 100 дневни глоби со поединечна висина на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност, додека правното лице да биде казнето со парична казна од 300.000 денари односно 5000 евра.