Активни пожари во беровско, скопско, битолско и кумановско, локализиран огнот во делчевско

Припадници на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и припадници на Владата во Будинарци, село во Берово во чија близина има пожар

Се уште се активни пожарите во Пехчево, Сарај во Скопје, Петровец, Старо Нагоричане, Прилеп, Штип, Битола, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно состојбата до 8 часот. Пожарот во делчевско е под контрола и нема опасност од негово ширење, а локализиран е и пожарот во атарот на селата Дрен – Смолане, прилепско.

Како што соопшти ЦУК, пожарите во село Трботивиште – Нов Истевник место викано Света Вода и село Разловци во општина Делчево се во потполна контрола и нема никаква опасност од нивно ширење.

Во општина Берово се уште е активен пожарот на потегот Будинарци-Митрашинци каде што гори борова шума. Во Скопскиот регион, во Општина Сарај, пожарот кај Раовиќ – Буковиќ се движи кон сртот, нема опасност за селата, гори мешана шума и е на доста непристапен терен. Во врска со пожарот кај Катланово, односно Дивље и Крушје (општина Петровец), поради интевенција од воздух, гасењето од земја било оневозможено.

Во Битолскиот регион, во текот на вчерашниот ден повторно е реактивиран пожарот кај село Топлица, општина Прилеп, покрај магистралниот пат Прилеп-Градско. Според последните информации реактивираниот пожар се движи кон атарот на село Крстец. Гори дабова и букова шума и сува трева. Во Кумановскиот регион од ноќеска повторно е активен пожарот во атарот во село Дренк.
Од ЦУК и детално информираа кои, од каде и колку екипи ги гаснат пожарите на терен.