МЗ: досега детектирани 30-тина случаи на делта сој, мерки има и во други земји

Вакцинација против Ковид19 во Македонија

Министерството за здравство денеска преку соопштение информира дека во земјава досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијантата на ковид19, која рапидно се шири насекаде во светот, во регионот, па, како што се наведува, многу е веројатно истото да се случи и кај нас. Од таму апелираат дека ова ја прави вакцинацијата уште поважна и наведуваат дека мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.

Владата викендов усвои нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот кои треба да стапат во сила на 16 август. Мерките, меѓудругото, предвидуваат целосна забрана на секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено и задолжителна потврда за вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено.

„Ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки. Многу по рестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот. Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги“, информираат од Министерството.

Од таму ги набројуваат Данска, Австрија, Унгарија, Грција, Италија, Франција и Соединетите Американски Држави како земји во кои веќе се воведени сертификатите за вакцинација како услов за посета на јавни места.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, веќе се спротистави на најавените мерки. Лидерот Христијан Мицкоски рече дека тоа се квази мерки кои што не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните.

„Овие мерки имаат единствена задача, практично да воведат една таканаречена вештачка непримерна контрола, ќе го уништат оној бизнис кој што колку толку започна да функционира, ќе донесат еден вид фрустрација кај граѓаните, посебно оние кои што имаат уставно загарантирано право да изберат дали да се вакцинираат или да не се вакцинираат, иако јас лично сум би рекол за имунизација по пат на вакцинирање“, рече Мицкоски.