Со панихида и положување цвеќе пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје утрово беше оддадена почит кон 10-те загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.
Почит им оддадоа делегација од Министерството за одбрана и Армијата предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, претставници на Владата, од кабинетот на Претседателот, пратеници, општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии како и поголем број здруженија на бранителите како и граѓански организации.
На 8 август 2001 година околу 10 часот конвој на АРМ беше нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Загинаа Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26), сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.