„Канадер Т21“, специјализиран хеликоптер за гасење пожари пристигна од Романија, а нпладне се очекува и авион „Хекрулес 530“, кој е со најсовремена опрема, носи придружна противпожарна опрема, пожарникари и други пропратни материјално-технички ресурси за гасење пожари. Помошта ќе биде распределена таму каде што е најкритично, соопшти денеска на прес-конференција помошник-раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Марија Милкова.
Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски појасни дека авионот „Хекрулес 530“ е товарен и е прилагоден дополнително за гасење на пожари.
„Се работи за специјализиран авион, за специјализирана намена кој со себе носи материјално-технички ресурси, носи луѓе, пожарникари и шесттонски кеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето кое му се задава како координати за активен пожар тие се хидраулични и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде практично е изворот на жариштето на пожарот. Тоа се големи авиони, нормално во координација со ВИНГ-от и со Генералштабот“, нагласи Стојановски.
Тој рече дека со правилата на УНЕСКО е забрането да полнат вода од Охридското Езеро, па тие ќе може да полнат вода од Преспанско Езеро и уште едно од поголемите вештачки езера.
Стојановски вели дека оваа помош ќе биде добредојдена за справување со пожарите.