ВМРО-ДПМНЕ бара формирање централно кризно тело од експерти и итна собраниска седница за пожарите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара да се формира централно кризно тело составено од експерти „и да се искористат најдобрите човечки потенцијали“ за справување со пожарите кои беснеат низ цела Македонија.

„Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци“, вели Мицкоски.

Исто така побара Собранието во најкус можен рок да закаже седница за информација за пожарите.

Тој оцени дека власта е неспособна, системот не функционира, народот е оставен сам на себе, а неговата партија помага на терен колку што може.

„Нема да останам ниту рамнодушен на оние странични монструозни лаги кои доаѓаат од еден ист центар, СДСМ, дека опозицијата распалувала пожари. Останувам згрозен како човек и со чувство на гадење гледам на злобата на власта што е доказ само за тоа колку се неспособни да делуваат и помагаат за сметка на тоа колку се способни да лажат и измислуваат“, рече Мицкоски.

Македонија во моментов е зафатена од бран од пожари.