На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 533.386 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Прва доза вакцина вчера примиле 4.990 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.137 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 958.742 дози вакцини, а ревакцинирани се 425.356 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Заклучно со 5 август, од 416.614 лица вакцинирани со две дози на вакцина против ковид-19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани, информираа од Министерството.
Со последните бројки, како што се посочува, 65 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 62 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 58 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 48 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата, информираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање за да се победи вирусот.
Во Македонија, заклучно со вчера бројот на активни ковид случаи достигна 1.268. Најмногу новозаразени има во Тетово -379 и во Скопје -370. По нив следат Гостивар со 126, Куманово со 114, Битола 38 и Дебар со 36.
Во земјава се уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта сојот, како во светот така и во регионот, многу брзо тој може да се прошири и кај нас. Досега во земјава се детектирани 30-тина случаи на делта варијантата.