Орбан очекува странско „мешање“ на изборите во Унгарија во 2022

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека е „подготвен“ за странско „мешање“, вклучително и од САД, во изборите наредната година, на кои тој може да го изгуби големото мнозинство што неговата партија Фидеш го има во моментов во парламентот.

Орбан е на власт од 2010 година и е сè пожесток во својата националистичка популистичка реторика. Тој е мета на критики од Брисел поради назадувањето на демократијата, кронизам и прекумерна медиумска концентрација во рацете на неговите сојузници.

„Тоа ќе се случи“, рече Орбан во интервју со водителот на американската телевизија Фокс њуз Такер Карлсон за мешањето во изборите и додаде: „ние не сме загрижени за тоа, подготвени сме“.

Карлсон, кој во Унгарија снима и промовира нов серијал, го праша Орбан дали е „загрижен дека ќе има меѓународно мешање“ во изборите. Новинарот е еден од најпознатите критичари на имиграцијата во САД. Тој го пофали Орбан и покрај критиките од американскиот печат дека флертува со авторитарен лидер.

Орбан зазеде цврст став против имиграцијата од европската мигрантска криза од 2015 и 2016 година, кога над 1 милион бегалци влегоа во континентот од конфликтните подрачја или од сиромашните земји.

„Очигледно, меѓународната левица ќе направи сè што може, веројатно и повеќе, да ја смени власта тука во Унгарија“, рече Орбан, кој себе си се опишува како бранител на христијанските вредности.

Изборите во април 2022 година може да се претворат во тесна трка, затоа што анкетите покажуваат дека рејтинзите на владејачката партија Фидеш и опозициската коалиција се многу блиску.

Орбан ја предводеше Унгарија во најголем дел од изминатите две децении, вклучително и при зачленувањето на земјата во НАТО и во ЕУ. Сепак, тој јавно стана скептичен во однос на Европската унија.

Минатата недела, Репортери без граници го додаде Орбан на годишната листа на „непријатели на слободата на печатот“. Фридом хаус, пак, смета дека Унгарија веќе не може да се смета за демократија поради постојаните напади на Орбан врз демократските институции.

Владата на Орбан е пријателски настроена кон Москва и покрај санкциите од ЕУ и САД поради инвазијата во Украина, наводните атентати дома и во странство, и како што велат западните разузнавачки служби, често мешање во изборите во странство.