За напливот на илегални мигранти кои од Белорусија преминуваат во Литванија ќе разговараат министрите за внатрешни работи на Европската унија на вонреден состанок на 18 август, соопшти денеска словенечкото претседателство со ЕУ.
Претставници на граничната агенција на ЕУ Фронтекс и Европол, исто така, ќе учествуваат на видео конференцијата, се вели во писмото кое словенечкото претседателство го испратило до дипломатите на ЕУ, а во кое Ројтерс имале увид.
„Со ситуацијата на границата Литванија-Белорусија, ЕУ се најде под сериозна безбедносна закана и е сведок на државно спонзорирано вооружување на илегалната миграција во Белорусија“, пренесува Ројтер цитирајќи го текстот.
Белорусија како одговор на санкциите од ЕУ почна да пропушта мигранти кон Литванија, земја членка на ЕУ. Литванија и ЕУ сметаат дека белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко ги организира мигрантските текови. Повеќе од две третини од мигрантите се ирачки државјани. Ирачките авиокомпании ги зголемија летовите од Багдад до Минск. ЕУ побара и решение со Ирак, за да се види дали може да се суспендираат летовите.
Полска, исто така, ја обвини Белорусија на 5 август дека испратила поголем број мигранти преку границата како одмазда за одлуката на Варшава оваа недела да и даде засолниште на белоруската атлетичарка Кристина Циманоскаја, која одби да се врати дома од Олимпијадата во Токио.