Претседателот на Бугарија, Румен Радев потпиша указ со кој му предлага на бугарското Собрание да го избере кандидатот за премиер предложен од политичката партија „Има таков народ“, Пламен Николов, соопшти Кабинетот на Претседателот на Бугарија.
Пламен Николов денеска пред Радев, во уставниот рок, ја претстави структурата и составот на предлог-кабинетот на партијата Има таков народ.
Владата што ќе биде предложена за гласање во парламентот ќе има двајца вицепремиери – Ради Најденов, предложен за вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи, и Петар Илиев – вицепремиер за безбедност и внатрешен ред, кој исто така ќе биде министер за внатрешни работи. Кандидатурата на Илиев беше критикувана од пратеници со кои се во тек разговори за поддршка.
„Знам од искуство колку е тешко да се формира кабинет. Да се привлечат чесни луѓе со јасни граѓански позиции со потребна експертиза, искуство и визија за развој на соодветното министерство. Луѓе кои можат да се соберат во едно и ефикасно тело. Се надевам дека успеавте во оваа тешка задача“, рече Радев.
Освен ГЕРБ кои претходно изјавија дека ќе гласаат против предложениот кабинет на ИТН, засега другите партии во Собранието на Бугарија се уште не зазеле категоричен став дека ќе ја поддржи владата на Пламен Николов.