Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги распиша локалните избори. Изборите за градоначалници и советници во општините ќе се одржат на 17 октомври. Изборната кампања започнува 20 дена пред изборите, и во тој период Собранието нема да одржува пленарни и комисиски седници, рече Џафери.
„На овој начин им се овозможува на политичките партии и нивните кандидати целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните, истовремено избегнувајќи можност кампањата да се пресели во собраниската пленарна сала“, рече претседателот на Собранието.
Пленарна седница во тие 20 дена би имало само ако се случи нешто итно, рече тој.
Џафери од надлежните институции очекува да обезбедат избори на ниво на коешто се очекува до земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ.
Од сите учесници во изборниот процес Џафери очекува да ги почитуваат Уставот и законите и да се однесуваат во согласност од етичкиот кодекс и да осигураат дека кампањата и денот на изборите ќе бидат во духот на демократијата.
Запрашан за измените за Изборниот закон кои предизвикаа низа реакции, оти се предвидува зголемување на прагот на потребни потписи за кандидирање, Џафери вели дека не е соодветно на отпочнат предизборен процес да се смили за менување на правила. Што требало и можело до сега да се направи, требало и можело да се направи, рече претседателот на Собранието.
„Лично не би очекувал некој да иницира постапка за менување правила среде процедурите, имајќи предвид дека ДИК од моментот на објавуваше на решението за избори во Службен весник ќе треба да се состане и да определи роковник за спроведување на изборниот процес од овој момент па до гласањето на 17 октомври“, рече претседателот на Собранието.
Ова ќе бидат седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија.