Пристигна лекот Калидеко за пациентите со цистична фиброза

Пристигна лекот Калидеко за пациентите со цистична фиброза, информираа од Министерството за здравство

Од Министерството соопштија дека денеска на Клиниката за детски болести е дистрибуиран лекот Калидеко, терапија за пациентите со цистична фиброза кои се носители на III -klasa CFTR "gatting"мутација. Оваа терапија која ја набави Министерството за здравство е за тројца пациенти кои ја имаат оваа ретка болест, со што им обезбеди лек за цела година.

„Министерството за здравство почнувајќи од 2017 година е во редовна комуникација со здруженијата на пациентите со ретки болести, а со таквиот пристап значајно се зголемија буџетите во делот на ретките болести. После три години иницијални состаноци значајно е зголемен и бројот на лековите кои се вклучени во програмата за ретки болести и се бесплатни за овие пациенти“, соопштија од Министерството.

Со Ребаланс на Буџетот за 2021 година за третман на пациенти со ретки болести се обезбедени 580 милиони денари, што е значително повеќе, споредено со 2017 година, кога за буџетот на оваа програма биле издвоени 214 милиони денари.

Лекот за трите пациенти доцнеше три месеци. Пред еден месец заболени од болеста дадоа и изјави пред медиумите молејќи ги властите да го обезбедат лекот.