И најмало невнимание може да биде причина за пожар со катастрофални последици по здравјето на луѓето, природата и животната средина, велат од Министерството за животна средина. Од таму апелираат на зголемена внимателност и сoвесно и одговорно однесување. Од Министерството велат дека пожарите го загадиле и воздухот. Вчера на речиси сите мерни единици во земјата е регистрирано надминување на пропишаната среднодневна гранична вредност. Пожарите се одразуваат и на исправноста на водата, па од Министерството апелираат пред употреба да се направи контрола на исправноста на водата од бунарите и изворите. Дополнително, треба да се има предвид дека водата што се користи за гасење на пожарите се црпи од околните водни тела, поради што е можно нарушување на водниот баланс.
Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно до 14 часот, активни пожари има во Штипскиот, во Струмичкиот регион, во Кумановско, Тетовско, Велешко, Скопско, Прилепско и Светиниколско.
Активен е пожарот во атарот на село Нов Истевник, маало Пасјак. Делчевско. Моментално покритично е кај местото Света вода помеѓу селата Тработивиште и Разловци.
На територијата на општина Пехчево, активен е пожарот кај местото Бајаз Тепе и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. Пожарот околу с.Црник е ставен под контрола. Во моментот пожарот е и над село Мачево и таму има екипи распоредени.
Во Струмички регион активен е пожарот кај местото Погана, особено во делот напосредно пред ветерниците кај Богданци.
Во Прилепско годи кај селата Ракле, Никодин и Топлица. Пожарот е со јак интензитет и на недостапен терен. Исто така и пожарот на потегот Дрен – Смолани е активен и е со јак интензитет.
Во Кумановски регион гори кај Бељаковце и се шири кон село Довезенце. Во Тетовско активен е пожарот кај Пожаране.
Во Свети Николе има пожарот на Богословски рид. Овој пожар е префрлен и на територијата на општина Штип, и тоа кракот кон село Добришани под дејство на ветрот го има сменето правецот и се движи кон р.Брегалница и притоа не загрозува објекти и населени места. Кракот кој гори во близина на магацините на Армијата во село Криви Дол е под контрола на 30 војници и се работи на негово локализирање.