Заев и дел министри на одмор до 12 август

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев.

Премиерот Зоран Заев од 3 август користи годишен одмор, којшто ќе трае до 12 август. Од Владата наведуваат дека тој е во постојана телефонска и интернет координација со сите ресорни министерства и надлежни институции.

Одморот на Заев е во период во кој Македонија е зафатена од силни пожари, за кои е испратена помош и од странски земји, за што реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.

„Народот е оставен сам да се снаоѓа, да се спасува и да ги гаси пожарите додека Заев, Шилегов, Спасовски, Николовски и останатите тераат одмор“ наведуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението кое го објави владата, пак, се наведува дека владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки.

Од владата ги објавија фукционерите задолжени за теренска координација во овој период: вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство Арjанит Хоџа, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација Шакири и Бајдевски, министерката и заменик министерот за образование Царовска и Шабани, заменик министерот за внатрешни работи Буши, заменичката министерка за животна средина Оџаклиеска, заменикот министер за труд и социјала Енвер Хусин, заменикот министер за здравство Илир Хасани, заменик министерот за правда Нухиу.

Во соопштението ги нема министрите за здравство Венко Филипче, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за правда Бојан Маричиќ, што упатува на тоа дека и тие во моментов користат годишен одмор.