Американската медиумска куќа Си-Ен-Ен отпушти тројца работници кои на работа доаѓале невакцинирани против коронавирусот, со што ја прекршиле политиката на компанијата.
Шефот на Си-Ен-Ен, Џеф Цукер, во писмото испратено на 6 август ги потсетува останатите вработени дека политиката на компанијата е сите кои доаѓаат да работат во канцеларијата, но и ако работат на терен во контакт со други луѓе, мора да бидат вакцинирани.
„Ќе бидам сосема јасен - имаме политика за нулта толеранција за ова“, напиша Цукер во писмото.
„Ако сакате да работите од канцеларија, мора да бидете вакцинирани. Исто така, мора да бидете вакцинирани ако работите на терен со други вработени, без разлика дали доаѓате во канцеларија или не. Точка“, стои во писмото.
Асошиејтед прес дојде до писмото, откако делови од неговата содржина беа објавени на Твитер од страна на новинарот на Си-Ен-Ен, Оливер Дарси.
Си-Ен-Ен не објави дополнителни детали за отпуштањата на тројцата невакцинирани вработени.
Повеќе од една третина од работниците на Си-Ен-Ен доброволно се вратија во редакција, а колективното враќање беше одложено од 7 септември до средината на октомври.
Во некои редакции, ќе биде задолжително носење маска кога луѓето не јадат или не пијат.
Слични одлуки донесоа и други американски медиуми.