Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска треба да ги распише локалните избори, кои ќе се одржат на 17 октомври годинава. Иако кампањата почнува три недели пред денот на изборите, партиите веќе се активни на терен и најавуваат изборни коалиции и комбинаторики. Дел од партите веќе излегоа со свои кандидати и најавија соработки за претстојните локални избори. СДСМ ќе коалицира со ДУИ, БЕСА и ДПА. Најавија дека меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадат уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржат во вториот круг.
Од докторите се бара лек и за комуналните проблеми
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе излезе со комплетно нови кандидати за локалните избори, кои, како што нагласија, се многу поразлични и имаат што да понудат и поради тоа ќе бидат победници. Сите кандидати конечно ќе бидат објавени во септември. Останува неизвесно дали изборниот процес ќе биде по нови правила за изборниот праг на независните кандидати, кои веќе се влезени во собраниска процедура.
Пендаровски нема да стави потпис на сегашните измени во Изборниот законик
Претседателот Стево Пендаровски се изјасни дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред се поради двата проценти праг наменети за независни кандидати. Предложените измени на Изборниот законик би го добиле потписот на шефот на државата само доколку во однос на прагот за независните кандидати се постигне поширок консензус меѓу партиите. Шефот на државата смета и дека е непримерно за толку кусо време пред изборите да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.