Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека пожарот кај скопската фабрика Охис е целосно под контрола.
„Охис е обезбеден, пожарот е целосно под контрола и безмалку изгаснат, нема опасност за граѓаните ниту од експлозија, ниту од отровни гасови, ниту од ширење на пожарот“, напиша Ангелов.
Инаку пожарот кај скопската фабрика изби попладнево, а за сообраќај беше затворен и булеварот Борис Трајковски.
На попладневната прес конференција во Центарот за управување со кризи надлежните информираа дека во скопско се активни 18 пожари од кои три се најкритични, во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце. Причина за ваквата алармантна ситуација, како што рекоа, се високите температури и силниот ветер кој го отежнува гасењето.