Пожар во скопските села Ракотинци и Кучково

Противпожарна служба

Пожар ги зафати скопските села Ракотинци и Кучково, потврдија за МИА од Центарот за за управување со кризи. За пожарите се известени припадниците на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. Во моментов се преговара за исклучување на струјата со ЕВН со цел да не се предизвикаат дополнителни искри и ширење од пожарот, јавува државната агенција. Од таму, повикувајќи се на извори од Центарот за управување со кризи велат дека пожарот од Ракотинци се движел кон Сопиште.

Неколку дена Македонија е погодена од пожари кои се засилени од високите температури и топлиот ветар. Денеска критично е во делчевските села Нов Истевник и Стар Истевник од каде што се евакуира населението.
Не престануваат пламените јазици и во пехчевско.

Според последните информации на МИА инволвирани во гаснењето на пожарот огнената стихија се приближува до самото село Црник откако денеска околу пладне успеа да го „префрли“ појасот кај манастирот „Св.Петка“ во близина на патот Делчево-Пехчево.

„Пожарот потоа се приближи до месноста Ранол Дол и областа Шишорка кон селото Црник. Месното население веднаш се организираше во гаснењето на пожарот“, велат жители на селото.

Како што додадоа ,пламените јазици се огромни, пожарот неконтролирано се шири и потребна е интервенција од воздух.