Жителите од критичните реони во село Нов Истевник и Стар Истевник зафатени со големиот пожар да се евакуираат во градската средина. Поради алармантната состојба на теренот, неконтролираното ширење на пожарот и силниот ветар, а за да не се загрозат човечки животи, градоначалникот на Општина Делчево потенцира дека е неопходна евакуација на жителите од селото Нов Истевник заедно со сите селски маала: Пасјак, Балабанци, Курачко Маало, како и на жителите од селото Стар Истевник.
„Апелирам жителите да бидат крајно внимателни и да не се движат во критичните реони. Поради неконтролираното ширење на пожарот се предупредуваат и жителите на с. Тработивиште да бидат крајно внимателни и да ја следат состојбата со цел брза реакција доколку пожарот земе посилен замав во атарот на селото“, рече Трајковски.
Жителите од споменатите маала моментно спасуваат што може да се спаси од пожарот кој веќе е навлезен и во селото Стар Истевник. Како што информира Васил Маневски жител на село Тработивиште зафатена е и месноста Браниград, а пожарот неконтролирано се движи кон село Тработивиште.
На терен се и хеликоптери кои учествуваат во гаснењето на пожарок како и преку сто луѓе кои даваат теренска поддршка за гаснење на најголемата огнена стихија која како што велат жителите досега не е запаметена во делчевско.
Претходно денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска информираше дека 400 припадници на Армијата ги гаснат пожарите кај селата Истевник, Робово и Умлена.
„Армиските хеликоптери таму исфрлија 56 тони вода, а вкупно досега со над 100 лета исфрлени се 200 тони вода на сите кризни подрачја зафатени од пожари, секаде каде што ЦУК побара реакција. Армијата безрезервно се ангажира во справувањето со пожарите од терен и од воздух“, објави Шекеринска на својот профил на Фејсбук.